Јапонскиот производител Сузуки и Дорна постигнаа договор, Сузуки од следната сезона повеќе да не се натпреварува во Мото ГП шампионатот. Фабричкиот тим на Сузуки, од следната сезона нема да се натпреварува и во Светскиот шампионат во издржливост.
„Ќе продолжиме да се натпреваруваме оваа сезона и во шампионатот Мото ГП и ЕВЦ со максимални напори да победиме на преостанатите трки. Наша цел е да продолжиме да ги поддржуваме тркачките активности, како и нашите клиенти преку нашата глобална мрежа на дистрибутери. Сакаме да ја изразиме нашата најдлабока благодарност до сите фанови на Сузуки кои не поддржуваа и до сите оние кои беа долги години во Сузуки“, се вели во соопштението на Сузуки.
Тошихиро Сузуки, директор и претседател на компанијата, ги објасни причините за таквиот потег.
„Треба да ги прераспределиме ресурсите на други иницијативи за одржливост. Мото трките отсекогаш биле предизвикувачко место за технолошки иновации, вклучувајќи ја одржливоста и развојот на човечките ресурси. Оваа одлука значи дека ќе го преземеме предизвикот да изградиме нов бизнис, пренасочувајќи ги технолошките способности и човечките ресурси, да истражуваме нови начини за одржливо општество“, објасни Сузуки.
Повлекувањето на Сузуки од врвната категорија доаѓа по седум години од враќањето во неа, и две по освојувањето на титулата со Џоан Мир. Шпанецот на тој начин ја врати шампионската титула на јапонскиот тим по 20 години, кога на тронот беше Кени Робертс Јуниор.
Пред овие двајца титули на Сузуки му донесоа, меѓу другите, Бери Шин, Франко Унчини и Кевин Шванц, а претходно тимот се повлече од Мото ГП шампионатот во 2011 година поради финансиски проблеми.
При претходното повлекување од Сузуки најавија враќање, а тоа се случи во 2015 година кога возачи на јапонскиот тим беа Алес Еспаргаро и Маверик Вињалес. Помладиот од двајцата Шпанци го врати Сузуки на највисокото скалило на победничкиот подиум веќе следната сезона, на Големата награда на Британија, по девет години пост.
Вињалес и Еспаргаро потоа ги наследија Андреа Јаноне и Алекс Ринс, кој се уште вози за Сузуки, додека Италијанецот беше заменет со Мир пред три години.
Шампионот од кралската класа од 2020 година оттогаш постигна една победа и вкупно 13 пласмани на подиумот, додека Ринс има три победи и уште 12 подиуми за нешто повеќе од четири сезони.
Извор: Топспорт