На патеката „Порој“ крај Тетово денеска се одржа вториот натпревар од Шампионатот на Македонија во мотокрос за сезоната 2013.
Во најмалата класа МХ85, Христиан Станковиќ (МК Мотостарс) убедливо победи во двете трки, додека втор беше Албан Елези (МК Вардар), а трет Илир Рамадани (МК Шари Мотокрос).
Станковиќ го презема водството во генералниот пласман со вкупно 94 бодови.
Во класата МХ2 во двете возења се водеше голема битка помеѓу клупските другари од МК ЛТД спортс, Никола Гулевски и Михаил Бајовски кој имаше одличен старт и долго водеше, но Гулевски го мина на три кругови и успеа да победи во првата трка. Во втората трка Бајовски возеше константно и на крајот победи што му беше доволно за конечен триумф. На третото место во двете трки заврши уште еден член на МК ЛТД Спортс, Денко Манчевски.
Гулевски води во домашниот шампионат со вкупно 97 бодови.
Во најсилната класа МХ1 очекувано уште една убедлива победа однесе Гоце Томовски (МК Гого) победувајќи и во заедничка конкуренција на класите МХ1 и МХ2 и остварувајќи го најбрзиот круг на целиот натпревар.
Второто место го освои гостинот од Албанија, Петрит Ѓерѓи, а Симеон Николовски (МК Мотостарс) беше поуспешен во директниот дуел со Фазли Ислами (МК Шари мотокрос) и го освои последното место на подиумот.
Томовски е неприкосновен во оваа конкуренција и досега освои максимални 100 бодови.
Возбудлива трка се водеше и класата МХ3. Иако убедливо најдобар беше Борче Костов (МК ЛТД спортс) зад него видовме борба за сите позиции. Во првото возење поуспешен беше Амети, додека Адили не потклекна на постојаните напади од конкурентот во второто возење и на крајот заврши како втор.
Костов го презема водството во генералниот пласман со 88 бодови.
Екипно најуспешен беше клубот дебитант МК ЛТД спортс од Битола, пред организаторот МК Шари мотокрос и МК Мотостарс од Битола.
Следниот натпревар од Шампионатот на Македонија во мотокрос е веќе следниот викенд, на 23 јуни на патеката во Смолево крај Битола.