Специјалната Олимпијада на Македонија ја заокружи Европската кошаркарска недела на лицата со посебни потреби со кус семинар, но и со демонстративен тренинг за минибаскет за лицата со попреченост.
На семинарот говореа Ана Петровска, национален директор на Специјалната Олимпијада на Македонија, Дарко Крстиќ – Unified тренер и координатор, како и Митко Маринковски, тренер во минибаскет кој минатата сезона ги предводеше најмладите кошаркари на МЗТ Скопје Аеродром до титулата во домашното првенство во лигата за кошаркари до 12 години.
– Unified значи комбинација од спортисти со попреченост како и спортисти без попреченост кои заедно функционираат како тим. Со настаните ширум светот се рушат бариерите, ниските очекувања и негативните ставови за лицата со посебни потреби во општеството. Постојат различни модели на unified кошарка која се приспособува на способностите на спортистите кои учествуваат. Има лица со поголема попреченост во развојот на кои им е потребно поголемо внимание и повеќе насоки и токму поради различниот степен на попреченост се приспособува моделот на кошарката, рече Крстиќ.
Тренерот Маринковски кој пред неколку месеци посети семинар во Франкфурт посветен токму на оваа тема истакна дека најважно за младите е да бидат вклучени во спортски активности во кои ќе учат преку забава и ќе напредуваат.
– Впечаток ми остави програмата на Кошаркарската федерација на Австралија, која има 22 вработени на ниво на цел континент. Тие имаат програма „Aussie hoops“ со која се следат и се инволвираат млади деца од пет години па нагоре и се запознаваат со спортот кошарка.
По завршување на семинарот групата присутни се префрли во малата сала при Спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде тренерот Дарко Радуловиќ одржа демонстративен тренинг за минибаскет кај лицата со попреченост.