Македонската одбојкарска репрезентација ја постигна четвртата победа во групата од Европската лига откако попладнево ја совлада Австрија со 3:0 во сетови во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Со овој триумф нашите одбојкари ги задржаа шансите за пласман на завршниот турнир од Европската лига.
Во првите два сета избраниците на селекторот Жарко Ристоски одиграа можеби најдобро оваа сезона, па ривалот беше во целост надигран и сетовите завршија со 25:18 и 25:17. Нешто понеизвесно беше во третиот сет кога противникот водеше и со четири поени разлика (17:13), но со серија од 5:0 Македонија поведе. Во завршницата Австрија имаше сет топка (24:23), која нашите одбојкари ја одбранија, а потоа со уште два поена го добија сетот со 26:24.
Најдобар поединец на дуелот беше Јовица Симовски. Македонија и Австрија утре ќе одиграат уште еден натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19 часот.
Во групата А по седум одиграни натпревари Естонија е прва со 20 бодови, Македонија се проби на втората позиција со 13, Полска има 12, Австрија остана со 9, Данска има 5, а Израел е последен со 4.