„Шкода“ ја објави дизајнерската скица за третата генерација од моделот „Фабија“ што својата премиера ќе ја има на Саемот на автомобили во Париз.
По првите технички детали и фотографии на делумно маскираните прототипи, објавен е и првиот официјален цртеж на новата „ Фабија“.
„Шкода“ очигледно продолжува со униформизацијата на дизајнот на своите модели, штом предните делови се повеќе наликуваат на еден на друг. Како и кај моделите „Октавија“ и „Рапид“, и новата „Фабија“ има слична маска на ладилникот, а фаровите и предниот браник се со доминантно аглести форми.
На цртежот е прикажан хечбекот на „Фабија“ со пет врати, а потврдено е и производството на караван верзијата.
Се очекува „Шкода“ наскоро да ги објави и официјалните фотографии и спецификации, пред автомобилот да и биде претставен на париската публика, некаде на почетокот на октомври.