Кик бокс репрезентацијата на Македонија веќе има два гарантирани медала по вториот ден на 20. Светско првенство кое се одржува во Белград. Димитар Ѓорѓиев и Стефани Тодорова ги обезбедија бронзените медали, а со евентуални победи во следните борби можат да стигнат и до сребрени, односно златни медали.
Ѓорѓиев во дисциплината -74кг кик лајт го победи 3:0 претставникот од Бугарија Радослав Славчев. Со овој настап Ѓорѓиев го обезбеди бронзениот медал.
Тодорова во -60кг кик лајт во настапот со Хрватската претставничка Ката Саре беше убедлива и со тоа таа стигна до медал.
Успешен ден имаа и Манојловски, во -69 кг кик лајт го победи Рамил Агабеков од Украина и Кристина Стојчевска -55кг кик лајт против Унгарката Габриела Буса која е вицешампионка од последното Европско првенство 2014 год. Стојчевска извојува ефективна победа 3:0 и се пласира во 1/8 финале.
На рингот во К1 дисциплината Александар Наумовски -71 имаше тежок ден . Тој имаше две борби против двајцата фаворити во неговата категорија. Во 1/8 финале со нокаут во 3.рунда го победи Мароканецот Лазрах Мохамед. Во втората борба за противник го имаше Марцин Крет од Полска каде што мечот заврши со прекин во втората рунда поради повреда на Наумовски со која се здоби во првата борба.
Бобан Илиоски -71кг лоу кик се сретна со Венелин Јанков од Бугарија. Илиоски кој за прв пат настапува на сениорско светско загуби на поени.
Петре Велков -67кг лоу кик за противник го имаше Белорусинот Андреи Кхамионак кој е актуелен светски првак и кој победи со 3:0.
Денеска настапи ќе имаат Александар Димовски +91 кг лоу кик со Бразилецот Ричард Јакоб , Александар Најдовски -86кг лоу кик со Хрватот Лука Симич во ринг, а Ненад Манојловски -69 кг кик лајт со Сачин Шармин од Велика Британија , Милан Кубин -91кг со Матеус Јерешчек од Полска и Кристина Стојчевска -60кг со Иленија Ничеле од Италија на татами.
На шампионатот учествуваат 669 натпреварувачи од 52 земји од 5 континенти.