Еден од најблиските соработници на претседателот Сеп Блатер и генерален секретар на ФИФА, Џером Волке е „мистериозниот“ високо рангиран функционер на Светската фудбалска федерација, обвинет од американското ФБИ, за корупција, тврди „Њујорк Тајмс“ повикувајќи се на неидентификуван извор од истрагата.
Овој американски весник, како и „Вол Стрит Џорнал“ пишуваат дека Волке е човекот кој е одговорен за префрлањето на 10 милиони долари од ФИФА, во фондот на федерацијата со кој раководел, поранешниот потпретседател Џек Ворнер, затоа што го потпишал налогот за префрлање на парите.
Неименуваат извор за „Њујорк Тајмс“ тврди дека истрагата има сознанија оти стануваз збор за парите што биле дадени за да се обезбеди, Јужна Африка да биде домаќин на Светското првенство во фудбал во 2010 година, а не Мароко кој беше противкандидат.
ФИФА уште во 2008 година префрлила пари во специјалниот фонд за да се помогне организацијата на Мундјалот, но американските иследници веруваат дека добар дел од тој износ, Ворнер го зел за себе.
Ворнер кој пред повеќе од една година беше сменет од функцијата, поради сомнежите за корупција, по напуштањето на работата во фудбалската организација, се вклучи во политичкиот живот на својата земја- Тринидад и Тобаго.
Тој е меѓу оние 14 лица кои се обвинети, од ФБИ, чиј идентитет не беше објавен при апсењето на седумината други поранешни и сегашни функционери на ФИФА, уапсени во Цирих, минатата среда, на само два дена пред Конгресот на Светската фудбалска федерација, на кој требаше да се избира нов претседател.
Американските весници тврдат дека меѓу нив е и Волке, но тој не се споменува на списокот на обвинтите.
ФИФА денеска ги отфрли тврдењата на „Њујорк Тајмс“ инсистирајќи дека ниту Волке, а ниту било кој друг висок функционер на фудбалската федерација е вклучен во било што поврзано со истрагата што ја покрена американското биро за истрага (ФБИ).
Самиот Џером Волке не дал изјава за весникот, но во САД велат дека е „многу невообичаено„ што тој претходно соопштил дека нема присуствува на отворањето на светското првенство фудбал за жени, што во сабота на 6 јуни почнува во Канада.