Новата НБА сезона со нетрпение ја очекуваат сите љубители на кошарката ширум светот. Почнува на 30-ти октомври со дуелот меѓу Мајами „Хит“ и Бостон „Селтикс“.
Сепак, веројатно навивачите на Њујорк би сакале да стартува барем 2-3 недели подоцна, затоа што толку е најавено дека ќе трае отсуството на нивниот крилен центар Амаре Стадемаер.
„Никс“ поради ова ќе влезат ослабени во новата натпреварувачка кампања, откако „ол стар“ ѕвездата го повреди своето лево колено.
Корпулентниот Стадемаер одигра само една предсезонска пресметка за својот тим, затоа што во левото колено му пукнала бенигна циста. Не му е потребна операција, но ќе мора да паузира.
Ги пропушти првите два меча против Вашингтон и против Бостон, по што во петокот имаше 18 поени и 5 скока против Торонто, но повторно отсуствуваше во соочувањето со „Селтикси“ во неделата.
Дополнително, најавено е дека нема да биде во комбинација ниту за натпреварите со Филаделфија и со Бруклин во завршницата на предсезоната.
„Никс“ новата НБА кампања ја почнуваат на 1-ви ноември токму против „новакот“ Бруклин „Нетс“, а само ден подоцна вкрстуваат со актуелниот владетел од Флорида, Мајами „Хит“.