Јапонскиот производител на автомобили „Нисан“ за потребите на Олимпијадата обезбеди дури 4.200 возила, меѓу кои и новиот кросовер „Кикс“( Kicks) како официјален автомобил на овој спортски настан.
Секоја четврта година погледите на светската јавност се фокусирани на најмасовниот модерен спортски настап – Олимписките игри. За сите спортитсти кои настапуваат на Олимпијадата овој настан е единствена можност да се афирмираат или ја потврдат својата доминација со добри резултати и освојување на некои од медалите.
Шанса за промоција на една ваква манифестација најдоа и голем број спонзори. Како и на претходните Олимпијади и во Бразил важна улога игра официјалниот автомобилски спонзор што обезбедува возила за потребите на организацијата на натпреварите.
И додека на игрите во Лондон флотата службени возила ја сочинуваа моделите на марките „БМВ“ и „МИНИ“, а на Зимските олимписки игри во Сочи автомобилите на групата „Фолксваген“, предводена од специјално адаптираниот пик-ап модел „Амарок“, во Рио на олимпијците достапни им се возилата на јапонскиот „Нисан“.
За официјален автомобил на Игрите е избран кросоверот „Кикс“ што ова лето стигнува во бразилските продажни салони, а потоа треба да се најде на уште 80 пазари низ цел свет.
„Нисан Кикс“ својата премиера ја имеше оваа пролет, иако концептната варијанта е претставена уште во 2014 година. Станува збор за возило што е со должина од околу 4,3 метри, широчина од 1,8 метри и височина од 1,6 метри. Во гамата на „Нисан“го зазема местото меѓу кросоверите „Џоук“ и „Кашкаи“. Со меѓуосовинско растојание од 2,62 метри „Кикс“ дава поголем комфор во кабината од „Џоук-от“, особено за патниците на задните седишта.
Произведителот во мај најави дека новиот кросовер во продажба ќе се најде во август 2016 година и тоа прво во Бразил, а потоа и на пазарите на другите земји на Латинска Америка. Дека станува звор за глобален модел, сведочи планот на компнаијата „Кикс“ да го понуди на купувачите во 80 земји во целиот свет.
На почетокот „Нисан Кикс“ ќе се произведува во фабриките во Бразил и Мексико, но нема потврда дека некогаш ќе стигне и во Европа.
Производителот на организаторите на Олимпијадата во Рио им испорача 200 примероци од овој модел. Освен кросоверот „Кикс“, „Нисан“ на користење отстапи уште четрии илјади возила, а во прашање се моделите „Март“ (кај нас познат како „Микра“), „Верса“, „Сентра“, „Алтима“ и пик – ап-от „Фронтера“.