Бразилскиот напаѓач во редовите на ПСЖ, Нејмар, по пауза од шест недели поради повреда, утре ќе се врати во составот на актуелниот француски фудбалски првак, потврди вечерва тренерот Маурисио Покетино.
– Нејмар е на списокот играчи за утрешниот натпревар. Многу сме задоволни што повторно е со нас. Тоа е голем чекор напред и за него, и за целиот тим, изјави Покетино на прес-конференција пред неделниот дерби натпревар против Лион во рамки на 30. коло во францускиот шампионат.
Покетино навести дека е малку веројатно оти Нејмар ќе биде во почетниот состав, нагласувајќи дека неговото враќање на теренот мора да се одвива постепено и внимателно.
Пари Сен – Жермен (ПСЖ) е второпласиран на табелата со 60 бодови, колку што има и утрешниот противник Лион на третото место, три бодови помалку од лидерот Лил.