Возачот на „Лотус“ Кими Раиконен изјави дека не е сигурен дали ќе учествува на неделната трка во Формула 1 на автодромот Јеонгам лоциран на 400 км. оддалеченост од Сеул, главниот град на Јужна Кореја. Финецот има болки во грбот и незнае дали ќе може да го издржи оптеретувањето за време на трката.
– Додека не седнам зад воланот нема да знам во каква состојба сум и дали ќе можам да возам. Кога ќе го завршам тренингот ќе биде појасно, истакна финскиот пилот.
Тој конечната одлука ќе ја донесе денеска.
Раиконен на денешната прва тренинг сесија имаше мал инцидент. Влегувајќи во последната кривина во последните секунди од тренингот, удри во заштитните гуми, но мина без повреди, туку само со оштетување на болидот.
Во случај Раиконен да одлучи да не вози, неговото место во тимот ќе го заземе резервниот возач Дејвид Валсеки.
Трката од Шампионатот во Формула 1 за Големата награда на Јужна Кореја ќе се вози в недела со почеток од 8 часот по средноевропско време.