Еден од најдобрите македонски автомобилисти, Ристо Вуков – Рико, на патеката Муџело во Италија денес ќе ја вози првата трка на отворањето на годинашниот куп Порше Карера Италија.
И покрај неизвесноста поради ограничувањата на границите, перспективниот возач сепак успеа да замине во Италија и ги извози првите подготвителни кругови на стазата во Муџело со своето возило Порше Карера, тестирајќи го возилото и
запознавајќи се со патеката на која настапува утре. Рико седнува во порше, возило кое е меѓу најспектакуларните во светот на автомобилизмот, што е за него е огромна шанса, но воедно и одговорност.
„Патеката во Муџело е мошне брза, со брзи свиоци. Моето возило беше одлично подготвено и сетирано. Се надевам дека е дојдено времето да го реализирам мојот потенцијал, а воедно сум пресреќен што ќе настапувам во силно и ценето
натпреварување, Порше Карера 911 Куп“, истакна Рико по првите кругови што ги извозе на патеката Муџело.
Македонскиот автомобилист сезонава за првпат ќе вози во рамки на Порше Карера Купот со тимот на ГДЛ Рејсинг со кој склучи договор по успешната ланска сезона во која ги освои македонскиот шампионат како и Отвореното првенство на Србија, со неговото Југо Хибрид 1150 ццм3.
Рико исто така имаше успешен настап и на престижната трка „Галф 12“ што се одржа Јас Марина, во Абу Даби. По овие успеси, веднаш стигнаа неколку понуди за натпреври во посилен шампионат, од кои се реши за италијанскиот Порше Карера Куп.
Во сабота е првата трка со почеток од 16:00 часот, а таа ќе биде директно пренесувана на МТВ, како и неделната трка, која започнува од 9:50 часот.