„Најк“ ја суспендира соработката со Марија Шарапова

Од:

Американската компанија „Најк“ соопшти денеска дека ја суспендира својата соработка со руската тенисерка Марија Шарапова, откако таа призна дека не поминала на антидопинг тестот за време на Отвореното првенство на Австралија.

Анализата што тогаш и била направена покажала дека таа ја користела супстанцата „мелдониум“, што ја земала од 2006 година, поради здравствени причини.

Шарапова е суспендирана од Меѓународната тениска федерација и сега ја очекува натамошната разврска за нејзниниот случај.

Во соопштението на „Најк“ се вели дека компанијата е „натажена и разочарана“ од вестите поврзани за Шарапова. Претставник на „Најк“ објасни дека односите со Русинката се суспендирани додека трае истрагата.

Шарапова која идниот месец ќе наполни 29 години е поврзана со „Најк“ уште од времето кога имала 11 години. Во 2010 година таа потпиша нов договор со „Најк“ во вредност од 70 милиони долари, за кој мораше да го прекине производството и дистрибуцијата на облека под нејзиното име.

Суспензија на договорот со Шарапова најави и швајцарската компанија за изработка на часовници „Таг Хојер“, која соопшти дека нема да го обнови договорот со руската тенисерка, која постојано живее во Флорида.

Според „Форбс“, Шарапова е најдобро платената спортистка во светот со заработени 30 милиони долари минатата година, само од договорите со разни фирми и комапании.

Таа има договори и со „Евиан“, со козметикичката марка „Авон“, како и со германската компанија „Порше“, која во 2014 година ја прогласи за свој „амбасадор“.

– Не поминав на тестот и за тоа само јас сум целосно одговорна, изјави Шарапова на прес-конференција во Лос Анџелес, предизвикувајќи сензација во спортската и посебно во тениската јавност.

Таа откри дека во изминатите десет години го користела лекот „милдронат“ што и го препишал нејзиниот семеен лекар, но дури по применото писмо од Меѓународната тениска федерација за резултатот на тестот, прв пат дознала оти препаратот е познат и по името „мелдониум“, што се наоѓа на листата на забранети супстанци.

Лекот се користи против ангина, но спортистите го употребуваат за побрзо опоравување по големи физички напори.

Станува збор за лек кој се произведува во Летонија и во источна Европа се набавува без рецепт, но во речиси сите западни земји, како и во САД, тој не може да се најде.

Шарапова би можела да биде казнета до четири години забрана за настап, што би значело и крај на нејзината професионална кариера.

Би можело да ве интересира

Алкараз лесно го совлада Медведев

Предраг Петровиќ

Медведев откри кој е најдобриот тенисер на планетава

Предраг Петровиќ

Шпанскиот тенисер Алкараз за 57 минути се пласираше во четвртфиналето на турнирот во Пекинг

Алкараз: „Тоа ќе не убие“

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Ѓоковиќ го испеа познатиот хит и најави спектакл во Бугарија со Димитров

„Надал е подготвен да се пензионира“

Предраг Петровиќ