Компанијата Шел прикажа концепт на мал градски автомобил кој троши околу 2,6 литри бензин на 100 км.
Ако некој е загрижен за тоа автомобилите со конвенционални мотори да продолжат да доминираат на светските патишта, тогаш тоа секако се нафтените компании. Од друга страна, бидејќи пред производителите се поставуваат се построги еколошки норми, императив е автомобилите од година во година да го намалат загадувањето на животната средина.
Нафтената компанија Шел претстави концепт на мал градски автомобил, со економичен бензински мотор, кој служи за превоз до тројца патници. Возилото се темели на моделот Т.25 кој во 2010 година го конструираше компанијата Гордон Мјуреј Дизајн.
Каросеријата е изработена од рециклиран материјал од јаглеродни влакна, па возилото тежи само 550 кг. Покрај малата маса, ниската потрошувачка се постигнува благодарение на малиот коефициент на отпорот на воздухот (0,29).
Уште една важна работа од еколошки аспект е податокот дека речиси целото возило може да се рециклира, откако ќе заврши неговиот работен век. Шел неодамна се погрижи да ги обезбеди сите масла вклучувајќи го и моторното масло за трицилиндерскиот 0,66 литарски бензински мотор.
Во текот на пробните тестирања, автомобилот просечно трошел 2,64 литри на 100 км, а останува да се види дали е во прашање само маркетиншки потег на една од најпознатите нафтени компании на светот, или ова возило еден дена навистина ќе добие производна верзија.