Следниот домашен натпревар во рамки на Еврокупот, закажан за 9 ноември против Гран Канарија во салата „Јане Сандански“, ќе биде искористен и за одбележување на еден од најважните и најголеми јубилеи во историјата на МЗТ Скопје Аеродром. Тоа е 20-годишнината од победата над големиот Реал Мадрид.
Доаѓањето на македонскиот кошаркарски херој Лестер Бо Мекејлеб, еден од најзаслужните на историското четврто место на ЕП 2011 во Литванија, беше само дополнителен мотив за управата на клубот прославата на овој голем настап од клупската историја да биде токму на средбата против шпанскиот прволигаш.
Според замисленото, официјалниот дел од церемонијата ќе се случи на паузата помеѓу втората и третата четвртина, кога на паркетот ќе се појават членовите на легендарната генерација на МЗТ Скопје, која на 6 ноември 1996 година со резултат 69:68 го урна „кралскиот клуб“ предводен од имиња како Жељко Обрадовиќ, Дејан Бодирога, Оренга…, а кои ќе добијат пригодни подароци во сеќавање на овој голем датум.
Ова ќе биде исклучителна можност за сите навивачи на клубот, но и вљубеници во македонскиот спорт воопшто, уште еднаш да ги поздрават кошаркарите и тренерите чии имиња со златни букви се запишани во историјата на сино-белата чета. Се подготвуваат и други изненадувања, меѓу кои е и присуството на легендарниот коментатор Љубомир Николовски, чиј глас е своевиден заштитен знак за сите нашите големи победи од тој период.
– Поради сето ова, управата на МЗТ Скопје Аеродром ги повикува сите оние кои пред две децении „висеа“ по оградите на популарната „Лименка“ и скокаа од радост и среќа по двете победнички слободни фрлања на Перо Блажевски, повторно да дојдат во овој пат модернизираниот „Јане Сандански“ и да се потсетат на досега најголемата победа во клупската историја. Исто така, би сакале да ги поканиме и оние што тогаш, поради малиот капацитет на салата, навиваа од пред малите екрани како и оние помладите да дојдат и уште еднаш да ги поздрават хероите од пред 20 години, нормално со уште еден френетичен аплауз каков што добија по последниот звук на сирената по триумфот над Реал Мадрид, апелираат од МЗТ Скопје.
Влезниците за овој спектакл ќе чинат 150 денари и веќе од утре ќе можат да се купат и тоа на билетарницата пред салата „Јане Сандански“ , како и он-лајн преку интернет-страницата http://ticketplus.mk/.