Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром го задржа максималниот ефект во кошаркарската Суперлига, откако синоќа во првиот натпревар од 9. коло со убедливи 31 разлика ја совлада Струмица. Крајниот резултат е 102:71 (по четвртини 34:22; 21:14; 22:16 и 25:19).
За аеродромци ова беше деветта победа, а за струмичани деветти пораз. На трибините во СЦ „Борис Трајковски“ меѓу осумстотината навивачи на МЗТ Скопје беше и Перо Антиќ, првиот македонски кошаркар кој заиграл во НБА лигата.
Сеад Шеховиќ со 25 и Кејд Дејвис со 15 поени беа најефикасни во победничкиот состав. Во тимот на Струмица се истакна Немања Арсиќ со 30 поени.
На другите два натпревара од оваа рунда во борбата за плеј-офот вечерва ќе играат: Куманово – Кожув и Лирија – Работнички.
Куманово и Работнички ќе настапат без казнетите играчи Урош Луковиќ (Куманово) и Дарко Соколов (Работнички).
Табела: МЗТ Скопје Аеродром 9-0 (победи-порази), Кожув 5-3, Работнички 4-4, Лирија 4-4, Куманово 3-5, Струмица 0-9.