Компанијата „Фискер Аутомотив“ ангажирала адвокати специјализирани за реструктурирање на фирми, за да се подготви за евентуално прогласување банкрот, пренесуваат британските медиуми.
Во „Фискер“ за сега одбиваат да ги коментираат наводите на медиумите за можниот банкрот, но оваа компанија изминатите недели испрати повеќе од 200 свои работници на принуден одмор.
Американскиот производител на хибридни спортски автомобили во потрага по стратешки партнер разговараше со повеќе кинески фирми, а најновите преговори со компаниите „Донгфенг“ и „Гели“ наводно се пропаднати.
Со оглед на фактот дека се уште не пронајде нови инвеститори, „Фискер“ сега го разгледува банкротот како последна опција.
„Фискер Аутомотив“ не произвел ниту еден примерок од својот за сега единствен модел „Карма“ уште од јули 2012 година, а лошите вести кулминираа кон средината на март 2013 година кога компанијата ја напушти Хенрик Фискер, извршниот претседател, дизајнер и еден од оснивачите на „Фискер“.
Компанијата има обврска до 22 април да изврши уплата во американското Министерство за енергетика врз основа на позајмицата од 2009 година. На „Фискер“ тогаш му беше одобрен државен заем од 529 милиони долари за развој на возила со напредни технологии, но оваа компанија искористи само 193 милиони долари, по што остатокот од сумата и беше скратен заради доцнењата во развојот и лансирањето на моделот „Карма“.
За да заштеди пари за отплата на долгот, раководството на фирмата одлучи да ги испрати речиси сите свои работници во САД на привремено отсуство.