Долгогодишниот ракометен репрезентативец, Филип Миркуловски најави повлекување од дресот на Македонија.
Видно разочаран по неуспехот Македонија да се пласира на ЛОИ во Рио, Миркуловски ја изнанади целокупната македонска јавност, пред се ракометна, дека по јунските квалификации за Светското првенство во Франција 2017 година, ќе се повлече од репрезентацијата.
– Излезе сосема поинаку од она што очекувавме, неславен крај на оваа генерација. Можеби со квалитет сме добри, но за вакви натпревари потребно е нешто повеќе. Едноствано, не го издржавме притисокот. Баражот во јуни ќе биде мое последно во репрезентација. Редно време е младите да се приклучат, веќе немам ни здравје, а и притисокот е преголем. Ќе дадам сѐ од себе да се пласираме на Мундијалот и младите да покажат што знаат таму, изјави Миркуловски по поразот од Тунис кој значеше крај на надежта за поискусната генерација на македонски ракометари, да ја завршат својата кариера со настап на Олимпијадата.
Пред неколку дена и официјално долгогодишниот чувар на мрежата на Македонија, Петар Ангелов се повлече од репрезентацијата, која по денешниот меч со Чиле ќе ја напушти и хрватскиот тренер Ивица Обрван.