Македонскиот ракометен првак Металург со победа го започна вториот дел од сезоната. Металурзите синоќа во СЦ „Борис Трајковски“ во натпревар од регионалната СЕХА лига го совладаа Нексе со 23:21, иако настапија со изменет состав и само тројца стандардни играчи.
Во составот на Металург ги немаше Ацо Јоновски, Дејан Манасков, Ванчи Димовски, Наумче Мојсоски, Велко Марковски, Никола Марковски, но тука беа Филип Миркуловски, Ренато Вугринец, Гоце Георгиевски, Гоце Ојлески кои со помошта на помладите стигнаа до позитивен резултат.
Најефикасен во составот на Металург беше Ренато Вугринец со осум голови, Георгиевски постигна четири.
Кај гостинот од Хрватска се истакна Марин Сакиќ со четири голови.
Со 14 бодови (пет победи и шест порази), тимот од Автокоманда е на 6. место на табелата.