Македонскиот ракометен шампион Металург до крајот на оваа натпреварувачка сезона ќе продолжи да се натпреварува, но без македонските репрезентативци. Претходно клубот го напуштија и неколку странски играчи.
На денешната прес-конференција по повод претстојниот дуел со Војводина од СЕХА лигата главна тема очекувано беше судбината на играчите во клубот.
– Официјално ќе кажам дека клубот го напуштаат Наумче Мојсовски, Ванчо Димовски, Велко Маркоски, Никола Маркоски, Филип Миркуловски, Дејан Манасков, Ацо Јоноски и Гоце Георгиевски. Правевме напори како управа на клубот да останат, но тоа не зависеше од нас и од тренерот. Се соочивме со финансиски проблеми и проблеми со спонзорите. Клубот нема да го затвориме, бидејќи тоа не во интерес. Уште еднаш благодарност до сите што биле дел од клубот, изјави Левче Китевски претстедател на Упрваниот одбор на РК Металург.
Во текот на денешниот ден ќе биде позната и судбината на Ренато Вугринец околу евентуалното негово заминување. Китевски исто така напомена дека играчите со раскин на договорите ќе ги добијат и финансиите што им ги должи клубот.
Тренерот на Металург Лино Червар имаше свое видување за ситуацијата.
– Тешко ми е поради нашите играчи. Пет години бевме заедно во клубот со играчите. Создадовме клуб кој двапати беше во ТОП 8 од Лигата на шампионите и еднаш во ТОП 16. Додека постои клубот, ќе сторам се за да помогнам, да ги кренеме овие деца што ќе играат, за да израснат во ракометари, рече Червар.
На прес-конференцијата беа присутни и навивачи, кои со големи емоции побараа од управата одговорност за настанатата ситуација во клубот и пред се за заминувањето на играчите.
– Во име на клубот Ви благодарам. Направивме сѐ за да ги задржиме вашите идоли, но има нешто посилно од тоа… Преговаравме, ги одигравме првите два натпревара, затоа не сакавме да излеземе со официјални информации. Ви се заблагодаруваме за поддршката. Бидете со нас и бидете трпеливи, затоа што верувам дека оваа генерација момци што доаѓа ќе бидат ваши идоли. Колку што вас ви е тешко, нас ни е дупло потешко, одговори Китевски.
Металург со најголемиот дел играчи од младинскиот погон ќе го игра утрешниот натпревар од СЕХА лигата со Војводина (почеток 17:30 часот) и ќе ги доигра натпреварувањата оваа сезона во Лигата на шампионите, СЕХА лигата, домашното првенство и куп.