Светскиот фудбалер број 1, аргентинскиот репрезентативец Лионел Меси и официјално го продолжи договорот со Барселона до 2018 година. Според новиот договор клубот на Меси ќе му исплаќа парични додатоци и за поединечните награди.
Платата на Аргентинецот во дресот на Барселона со сите платени давачки кон државата ќе му биде 12 милиони евра, со можност тој да добие уште четири милиони евра како бонус за освојување на трофеи со клубот и на индивидуален план.
Конкретно, за евентуалното освојувањето на „Златната топка“ која се доделува на најдобриот светски играч Меси би добил еден милион евра. Овој трофеј играчот на Барселона го освојува во последните четири сезони.
Во новиот договор на Меси клаузулата за обештетувањето остана иста како и во претходниот која изнесува 250 милиони евра.
Минатата година играчот на Барселона го сруши рекордот по бројот на постигнати голови во една календарска година. Постигна 91 гол и го надмина легендарниот Герд Милер кој имаше 85 погодоци во 1972 година.