Аргентинецот и член на Барселона Лионел Меси повторно ја доби „Златната топка“ како најдобар фудбалер во изборот на ФИФА и Франс фудбал и за 2012 година, поставувајќи нов рекорд со четврто едноподруго вакво признание.
„Да кажам искрено ова е навистина неверојатно. Четврта награда по ред навистина е премногу за да може да се опише со зборови. Сакам ова признание да го поделам со моите колеги од Барселона чија заслуга е огромна за моите награди. Исто така сакам да го поделам со моите колеги од аргентинската репрезентација, како и секој кој постојано беше со мене, тренерите, моето семејство и пријателите. Секако, признание посветено на мојата сопруга и мојот син. Благодарам“, рече Меси веднаш по добивањето на наградата на свеченоста во Цирих.
ФИФА претседателската награда за 2012 година за трајно дело во фудбалот ја доби германската легенда Франц Бекенбауер.
За тренер на годината очекувано беше прогласен селекторот на Шпанија, Висенте дел Боске кој ја однесе својата селекција до втора едноподруго европска круна, како дополнение на претходно освоениот светски шампионат во 2010 година.
ФУДБАЛЕР НА ГОДИНАТА
Лионел Меси (Аргентина)
ФИФА ТИМ НА 2012 ГОДИНА
Икер Касилјас – Рамос, Дани Алвеш, Жерард Пике, Марсело – Чаби Алонсо, Иниеста, Чави Хернандез – Меси, Фалкао, Роналдо
НАЈДОБАР ТРЕНЕР
Висенте Дел Боске (Шпанија)
НАГРАДА ФЕРЕНЦ ПУШКАШ ЗА НАЈУБАВ ГОЛ ВО 2012
Мирослав Штох (Словачка)
СПЕЦИЈАЛНО ФИФА ПРИЗНАНИЕ
Франц Бекенбауер
ФЕР ПЛЕЈ НАГРАДА
Узбекистанска фудбалска федерација
НАЈДОБРА ФУДБАЛЕРКА
Еби Вембах (САД)