Сите производители на автомобили се фокусирани на системите за избегнување несреќи, особено кај возилата со функции за автоматско возење. Се чини дека системите за безбедност при неизбежен судир останаа во позадина. Сепак, некои водечки производители продолжуваат да работат и во таа насока.
Меѓу последните иновации во оваа област се системот на „Ауди“ кој го крева целиот автомобил за речиси 10 сантиметри, половина секунда пред неизбежен страничен судир, за да може силата на ударот да се преземе од постабилната долна пречка, како и системот на „Мерцедес“, кој го оддалечува седиштето од вратата, која се очекува да биде удрена. Тоа се добри методи за заштита на телото, но „Мерцедес-Бенц“ помислиле за уште еден дел на телото – ушите.
Според истражувања, 17 отсто од луѓето кои учествувале во сообраќајни несреќи, страдаат од постојана, целосна или делумна загуба на слухот поради силниот звук од активирањето на воздушните перничиња. Проблемите доаѓаат кога има ненадејна промена во нивото на околната бучава и тоа предизвикува фатален напон во внатрешните делови на ушите.
Затоа системот „Pre-Safe Sound“ на „Мерцедес“ емитува бучава точно пред неизбежниот судир, која не е толку силна за да причини болка, но е доволно силна за да ги подготви нашите уши и да ги направи помалку ранливи на посилната бучава од воздушните перничиња.
Други студии во областа покажуваат дека најбезбедно за слухот би било ако прозорците и панорамскиот покрив, доколку има таков, се целосно затворени, иако има многу дискусии и на оваа тема.
„Мерцедес-Бенц“ веќе се чекор напред со новиот систем, кој ќе почне да го вградува во своите автомобили.