Македонската ракометна репрезентативка Робертина Мечевска има тешки сериозни повреди од животнозагрозувачки карактер и се наоѓа на Oдделението за анестезија, реанимација и интензивно лекување при Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Ова денеска за МИА го изјавија од ТОАРИЛУЦ кои посочија дека и покрај извршениот оперативен зафат во кој слезината е санирана, Мечевска има сериозни повреди на ’рбетот и ребрата и е во тешка состојба.
– Оперативниот зафат на слезината е еден дел којшто е саниран од многуте повреди што ги има пациентот. Значи, таа има многу повреди од коишто една била како итна повреда поради која што мораше да се внесе во сала и да се направи оперативна интервенција и по тој дел е добра. Меѓутоа, останатите повреди кои ги има се сериозни, потенцираат од ТОАРИЛУЦ.
Оттаму наведуваат дека продолжува лекувањето на Мечевска, има конзилиум, се договараат, а дали ќе има и други интервенции зависи од мислењето на лекарите.
Робертина Мечевска вчера се здоби со тешки повреди по пад од петтиот спрат од својот стан.