По 13 одлагања, денеска попладне започна првата трка на 42. Светско првенство во скијање – алпски дисциплини.
Со многу проблеми, падови, незавршени трки, и две интервенции на медицински екипи кои со хеликоптер беа донесени на патеката во Шладминг, се соочија организаторите на супервелеслаломот на кој победи Тина Мазе од Словенија.
Откако попладнево патеката повторно беше покриена со магла, организаторот одлучи трката да биде завршена со постигнатите резултати на натпреварувачките што се појавија до тој момент (вкупно 36).
– Бев целосно фокусирана на трката, чувствував психолошки притисок, но одговорив на предизвикот. Победникот го одлучија нијанси при теренските скокови, истакна Мазе по освојување на првото злато на СП.
Словенечката натпреварувачка и најдобрата во досегашниот дел од Светскиот куп, до златниот медал стигна со време од 1:35.39. Второто место и сребрениот медал и припадна на Лара Гут (Швајцарија) која имаше 38 стотинки заостанување зад победничката, а борнзата ја освои Џулија Манкузо (САД) со 52 стотинки поспоро време од победничкото на Мазе.
На денешната трка тежок пад имаше Американката Линдзи Вон која стартуваше како 19. веднаш зад Мазе, но некаде на средината на патеката по еден доскок, десното колено на Вон „откажа“ и таа падна при голема брзина притоа удирајќи во една од поставените капии. Вон исто како и еден од ангажираните работници крај патеката со хеликоптер беа пренесени во локалната болница во Шладминг.
Според распоредот на СП во Австрија, утре на програмата е машкиот супервелеслалом.