Италијанскиот стручњак Роберто Манчини кој со својот тим Манчестер Сити успеа да избори финале во ФА Купот ги предупреди своите играчи да не го потценуваат противникот.
– Ништо не е завршено иако многумина сметаат дека веќе сме го освоиле трофејот. Виган игра добар фудбал и доколку сакаме да победиме ќе мора добро да се испотиме. Во слична ситуација на апсолутна фаворитска улога бевме кога го освоивме трофејот против Стоук, но тој натпревар се покажа доста тежок. Така очекувам да биде и против Виган, изјави Манчини.
Манчестер Сити вчера во полуфиналето од ФА Купот го победи Челзи со 2:1, додека Виган беше поуспешен од Милвол со 2:0.
Финалниот дуел е закажан за 11 мај на „Вембли“ во Лондон.
Сити речиси ја има загубено шампионската титула од градскиот ривал Манчестер Јунајтед кој во Премиер лигата има 15 бодови предност на шест кола до крајот, па ФА Купот ќе биде убава можност „граѓаните“ и сезонава да стигнат до трофеј.