Македонската ракометна репрезентација вечерва со пораз го отвори Светското првенство во Египет, убедливо губејќи со 32:20 (16:11).
Мечот во Каиро започна изедначено на двете страни, по што Шведска ја презеде контролата врз резултатот за прво повисоко водство од 8:5 во 11 минута.
Македонските ракометари брзо вратија со серија од 3-0, но уследија серија технички грешки и десет минути без постигнат гол во противничката мрежа.
Шведска го искористи падот во играта на избраниците на Данило Брестовац за водство од 14:9 во 22 минута, задржувајќи ги петте голови предност до полувремето.
Слабата игра во одбраната на македонскиот тим и анемичниот напад продолжија и во вториот дел, што Швеѓаните го отворија со серија од 6:1 за убедлива предност што не ја испуштија до самиот крај.
Најефикасен во македонскиот тим беше капитенот Кирил Лазаров со пет голови, додека Швеѓанецот Хемпус Ване беше најефикасен на мечот со 11 погодоци.
Следен противник на македонските ракометари е домаќинот на Мундијалот, Египет, кој во воведниот натпревар од групата Г вчера го совлада Чиле со 35:29.