Македонските ракометари поразени од Грција

Од:

Македонската ракометна репрезентација доживеа убедлив пораз од Грција со 29-24 на гостувањето во Халкида, во второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Избраниците на Кирил Лазаров одиграа разочарувачки натпревар, во кој речиси во текот на сите 60 минути беа во подредена улога и не најдоа решение за мотивираниот домашен состав.

Поразот е особено болен поради ривалството со јужниот сосед, но и поради негативната гол-разлика која може да има големо значење во трката за второто место во квалификациската група, кое носи директен пласман на континенталниот шампионат.

Македонија имаше почетно водство од 1-2, но потоа следуваше голем пад во нападот. Девет минути нашите ракометари не постигнаа гол, а Грција го искористи тоа за да поведе со 5-2. Петковски ја прекина голгетерската криза, Кузмановски намали на 5-4, но домашните повторно ја презедоа контролата и постепено ја зголемуваа предноста.

Во 21-та минута Грците веќе водеа со 10-5, по што Лазаров побара тајмаут. Сепак, ниту прекинот не донесе посакувана реакција. Македонија пропушти и два седмерци преку Кузмановски, а противникот замина на полувреме со убедливи 16-9.

Ниту почетокот на вториот дел не донесе пресврт. Грција стигна и до највисоки девет гола предност (19-10), но потоа Македонија конечно покажа знаци на живот. Костески презеде одговорност, реализираше три седмерци, а со погодок од крило помогна негативата да се намали на 21-16.

Во моментите кога се обидувавме да фатиме резултатски приклучок, Петар Атанасијевиќ доби директен црвен картон. Лазаров се обиде и со тактиката „седум на шест“, но Македонија повторно влезе во напаѓачка криза. Во последните девет минути се влезе со висока негатива од 27-19, по што домашните рутински го приведоа натпреварот до крај. Нашата селекција успеа само да ја намали разликата на конечните 29-24.

Костески беше најефикасен во македонскиот состав со осум погодоци, сите постигнати во второто полувреме, додека капитенот Филип Кузмановски заврши со седум. Велковски постигна два гола, а голманот Мартин Томовски забележа десет одбрани, но тоа не беше доволно за да се избегне поразот.

Македонија ќе има можност за реванш на 9 мај следната година, кога Грција ќе гостува во Скопје. Сепак, овој пораз е сериозно предупредување за продолжението на квалификациите во 2027 година, но и за претстојното Светско првенство, на кое нашата репрезентација ќе мора да покаже многу повеќе.

Би можело да ве интересира

Ракометарите доминантно до пласман на 10. Светско првенство

Катерина Ѓуровски

Ракометарите вечерва во Скопје против Словачка го потврдуваат настапот на СП

Ракометарките третпат по ред се пласираа на Европско првенство

Катерина Ѓуровски

EП: Македонската ракометна репрезентација со гол во последната секунда ја совлада Романија 24:23

А1он

Данска е минато, ракометарите денеска одмораат, па утре со сите сили на Португалија

А1он

Почнува европското првенство, македонските ракометари утре против Данска