По вчерашниот триумф со 3-1 во сетови, македонската одбојкарска репрезентација се наоѓа на чекор до пласман во полуфиналето од Европската лига.
Селекторот Жарко Ристовски е презадоволен од досега прикажаното од страна на неговите избраници.- На сите досегашни натпревари покажавме дека имаме квалитет да играме во најквалитетната дивизија. Полека но сигурно ја враќаме одбојката во Македонија на местото на кое припаѓа. Со силна верба, со макотрпна работа и со голема борбеност на теренот остваривме успех достоен за почит. Но, ова не е нашиот максимум. Одиме кон новите предизвици уште посилни. Видовте дека знаеме да се носимие и со проблемите и со противниците. Покажуваме како треба да се гине за македонските бои, изјави македонскиот селектор.
Почетокот на денешниот натпревар Македонија – Турција е во 15 часот, а се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Македонија во петте настапи има максимален ефект – пет победи и тоа по две над Австрија и Данска и една против Турцијаи води на табелата во Б групата. Следуваат Словенија со 4-0 (победи-порази), Турција 1-2, Австрија 1-5 и Данска 0-4.