Македонската одбојкарска репрезентација ослабена во Европската лига

Од:

Без најдобриот свој играч Јовица Симовски, македонската одбојкарска репрезентација доцна вечер тргнува за Варна, каде претстојниот викенд ќе одигра три натпревари на првиот од двата турнира во Европската лига.

Селекторот Жарко Ристоски на денешната прес-конференција рече дека очекува добри изданија на неговите избраници и пласман на „фајнл-фор“ турнирот.

– Се наоѓаме во група со репрезентации кои имаат големи амбиции да играат на завршниот турнир. Нам тоа ни успеа минатите две сезони, а сакаме и трет пат по ред да играме на „фајнл-фор“. Тоа нема да биде лесно, особено по откажувањето на Јовица Симовски што ќе придонесе да направиме значителни промени во нашиот систем на игра. Сите знаеме што загубивме со неговото откажување.

Оваа загуба во моментов тешко е да се компензира. Покрај отсуството на еден од најдобрите наши играчи, имаме мали проблеми и со повредени играчи, но што е тука. Ќе комбинираме со неколку принудни рокади. Сите репрезентативци имаат голема желба да се продолжи континуитетот на добри игри. Одиме во Варна со амбиции да повториме еден од успесите од минатите две години, изјави Ристоски.

Капитенот Никола Ѓорѓиев очекува тежок турнир, особено на физички план.

– Ние сме малку дефицитарни со замени, а тоа на еден ваков турнир може да биде голема загуба за нас. Работевме напорно и очекувам младите наши соиграчи да ја искористат шансата и да покажат дека можат да го понесат товарот во Европската лига. Според мене првиот меч против Албанија ќе биде пресуден околу нашите амбиции во ова натпреварување. Целта е „фајнл-фор“ и ќе бидам тажен доколку не се случи тоа.

На средбата со новинарите присуствуваше и Јовица Симовски кој даде поддршка за неговите колеги. Тој рече дека семејните проблеми што ги има не значат и дефинитивен крај на репрезентативната кариера и остави можност во квалификациите за Европското првенство повторно да го облече „црвено-жолтиот“ дрес.

Македонија е во група со Бугарија, Албанија и Данска.

Првиот натпревар го игра на 10 јуни (петок) од 15 часот против Албанија, в сабота се среќава со Данска, а во недела игра со домаќинот на турнирот Бугарија.

Би можело да ве интересира

Одбојкарите на Струмица поразени во првиот натпревар во Лигата на шампиони од Олимпијакос

Србија и Хрватска заеднички организатори на Светско првенство

Предраг Петровиќ

Италијанските одбојкарки го освоија златниот медал на Олимписките игри во Париз

Француските одбојкари ја совладаа Полска и го одбранија златниот медал

Српската репрезентативка преживеала пекол: Прво ја нападнале со ножеви, па и ставиле пиштол на глава

Предраг Петровиќ

Нов инцидент во Турција: Одбојкарки однесени во болница по нападот на навивачите

Предраг Петровиќ