Македонската женска ракометна репрезентација успешно го стартуваше квалификацискиот турнир за Светското првенство 2017, откако синоќа во првата средба во Торшавн го совлада домаќинот на турнирот Фарски Острови со 21:19.
Избраничките на Симе Симовски стигнаа до победата со подобра игра во второто полувреме, по првите 30 минути од натпреварот резултатот беше изедначен (8:8). Иако „црвено-жолтите“ подобро го отворија натпреварот и поведоа со 3:1, домаќинот ја консолидираше играта и до паузата ја анулираше негативата.
Се играше гол за гол во првите минути од второто полувреме, но следуваше период на неколку добри одбрани во низа на Матеја Серафимова, а на спротивната страна успешни беа Ристовска и Саздовска од крилните позиции како и Ливриниќ и Керамичиева кои ја предводеа бековската линија. Македонија во 45. минута стигна до предност од три голови која знаеше како да ја одржи до крајот на натпреварот за мирна завршница и заслужен триумф.
Најдобар стрелец во македонскиот состав беше Сара Ристовска со шест постигнати погодоци, а Саздовска и Керамичиева реализираа по четири. Ливриниќ и Елена Ѓеорѓијевска беа стрелци на по два гола, додека во листата на стрелци се запишаа и Душица Ѓорѓијевска, Десподовска и Трпковска со по една реализација.
Македонија денеска го продолжува настапот на квалификацискиот турнир за СП со натпревар против Австрија закажан од 16 часот. Селекцијата на Австрија вчера во првата средба доживеа пораз од Исланд со 28:24.
Во последното коло во недела, Македонија ќе игра против Исланд од 17 часот.
Најдобро пласираните две селекции од групата ќе обезбедат пласман во бараж натпреварите за СП.