Младинска ракометна репрезентација на Македонија (до 21 година) денес од 15 часот по македонско време го почнува настапот на Светското првенство во Алжир со натпревар против селекцијата на Русија.
Македонија вчера пристигна во Алжир каде веќе го одработи и првиот тренинг во салата каде денеска ќе се игра натпреварот. Избраниците на Иле Темелковски максимално подготвени ја очекуваат средбата со Русија, која може да има огромно значење за посакуваниот пласман во втората елиминациска фаза од првенството.
По натпреварот со Русија следува слободен ден за македонската репрезентација, а следната средба е во четврток од 21 часот против Брукина Фасо.
Во петок од 19 часот противник на „црвено-жолтите“ е Тунис по што следува уште еден слободен ден пред последните две средби со Шпанија на 23 јули од 19 часот и со Бразил на 24 јули од 19 часот за крај на групната фаза.
Најдобро пласираните четири репрезентации од групата ги продолжуваат натпреварите во осминафиналната елиминациска фаза што ќе се игра на 26 јули. Во случај на пласман понатаму, Македонија ќе игра против некоја од репрезентациите од групата Д во која се Хрватска, Исланд, Алжир, Саудиска Арабија, Аргентина и Мароко.
Во склоп на подготвителниот период за СП во Алжир, Македонија тренираше во Скопје и во Маврово, а одигра и две пријателски средби против Катар во Доха на кои оствари една победа и еден пораз.
Селекторот Темелковски за Првенството на располагање ќе ги има следните ракометари: Филип Талески, Филип Кузмановски, Филип Арсеновски, Мартин Томовски, Мартин Велковски, Милан Лазаревски, Марио Танкоски, Марко Нелоски, Мице Шилегов, Давор Палевски, Дарио Петровски, Томислав Јагуриновски, Димитар Димитриоски, Никола Даниловски, Иван Џонов и Горан Крстевски.