Македонската одбојкарска репрезентација и официјално нема да игра во Светската лига следната сезона, откако денеска ФИВБ донесе конечна одлука дека нашиот национален тим сепак нема да може да се најде во третото по ранг натпреварување во светската одбојка.
Составот на првите две групи беше донесен уште пред два дена, а чекањето за третата група се оддолжи бидејќи од ФИВБ изјавија дека до крајот на неделава ќе се одреди составот и системот на натпреварување во таа група од Светската лига. Конечно денеска, беше обелоденето дека Македонија како второпласирана селекција од годинешното издание на Европската лига, сепак нема да може да се натпреварува во Светската лига.
Чудниот критериум на ФИВБ беше причина долго време да виси и статусот на Словенија како актуелен освојувач на Европската лига. Така што Словенците дури по заканите со тужба, бидејќи во статутот на Европската лига како прваци им е гарантиран пласман во Светската лига, им беше најдено решение за тие да бидат дел од натпреварувањето.