Женските ракометни репрезентациите на Македонија и на Црна Гора попладнево од 18 часот во СРЦ „Кале“ го играат натпреварот од 5. коло од квалификациите за Европското првенство во Шведска.
Македонската репрезентација се наоѓа на последното четврто место во групата и е без шанси за пласман на ЕП, додека Црна Гора има најголеми шанси да биде прва особено, по вчерашниот резултат во Цеље каде Словенија минимално ја победи Хрватска со 24:23.
Селекторот на Македонија, Симе Симовски за време на подготовките се соочуваше со проблеми со повреди, а ќе отсуствуваат три ракометарки: Габриела Величковски, Ангела Тодоровска и Зорица Десподовска.
Во групата 4 трите селекции Црна Гора, Хрватска и Словенија имаат по шест бодови, а Македонија е без бод.
Натпреварот Македонија – Црна Гора се игра со почеток во 18 часот во СРЦ „Кале“, влезот е слободен.
Досега пласман на ЕП покрај домаќинот Шведска имаат изборено 12 селекции: Норвешка, Романија, Србија, Чешка, Шпанија, Холандија, Унгарија, Полска, Русија, Данска, Франција и Германија.