Англискиот фудбалски клуб Ливерпул одби понуда од 150 милиони фунти за Мохамед Салах од саудискиот прволигаш Ал-Итихад, јави денеска Би-Би-Си. Ливерпул инсистира на останување на египетскиот напаѓач, а конечната одлука на клубот е Салах да не е на продажба.
Салах во Ливерпул пристигна од Рома во 2017 година, а минатото лето потпиша нов тригодишен договор со Ливерпул.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп минатата недела изјави дека Салах е „100 отсто посветен“ на Ливерпул, а денеска го повтори ставот на клубот дека играчот не е на продажба.
„Позицијата останува иста. Апсолутно нема сомнеж за тоа. Немам што друго да кажам“, изјави Клоп.
Салах постигна 187 гола и запиша 76 асистенции на 308 натпревари за Ливерпул.