Ѕвездата на Портланд Трејлблејзерс, Дејмиан Лилард, вели дека сака да игра во продолжението на НБА-сезоната закажано за крајот на јули, иако не се чувствува стопроцентно комотен околу одлуката.
НБА го најави враќањето на прекинатата сезона на 30 јули во Светот на спортовите на Волт Дизни во Орландо, Флорида.
Според извештаите во американските медиуми, голем број играчи се двоумат околу учеството во продолжената сезона, најмногу поради пандемијата, која се уште е проблем во САД, но и поради расните немири низ земјата кои уследија по убиството на Џорџ Флојд од страна на полицијата.
Комесарот на НБА Адам Силвер призна дека продолжението на сезоната „може да не е за секого“, но исто така рече и дека лигата ќе направи се што е во нејзина моќ за да ги слушне грижите и барањата на играчите.