Најдобриот среден бек во Европа, српската ракометарка Андреа Лекиќ и најдоброто европско десно крило, Црногорката Јованка Радичевиќ, потпишаа договор со ЖРК Вардар СЦБТ за сезоната 2013/2014, со отворена можност соработката да биде продолжена за уште една сезона, соопштуваат од клубот.
– Со овие две врвни ракометарки добиваме екстра квалитетни засилувања и се комплетира мозаикот за европски конкурентен Вардара СЦБТ. Ова се две од најдобрите седум ракометарки во Европа, од ол-стар тимот на ЕП 2012. Се надеваме дека успешната серија на двете извонредни ракометарки ќе продолжи и со нашата екипа, истакнуваат од Вардар СЦБТ.
Во својата богата кариера, најдобрата српска ракометарка има шест шампионски титули освоени во три земји – шампион на Србија со екипата на ЖРК Књаз Милош (2007), шампион на Словенија со Крим (2008, 2009, 2010, 2011) и шампион на Унгарија со Ѓер (2012).
Лекиќ важи за еден од најдобрите средни бекови во Европа. Таа е лидер и најдобар стрелец во репрезентацијата на Србија. Со 33 гола, Лекиќ беше прв стрлец на Србија на ЕП 2012 и ја предводеше својата селекција која го освои 4.место на овој шампионат.
– Мило ми е што ќе бидам дел од овој нов проект на Вардар. Ова е еден голем предизвик за мене. Се надевам дека веќе во наредната година ќе се покажат резултатите и ќе се подигне нивото на македонскиот женски ракомет како што беше пред десетина години. Знам дека Македонија го сака ракометот и има прекрасна публика, можев тоа да го видам на Европското првенство во Србија, изјави Лекиќ.
Црногорската репрезентативка Јованка Радичевиќ во својот ангажман во ЖРК Вардар СЦБТ гледа нов спортски предизвик и уште од сега му се радува на своето доаѓање во Скопје и на македонската публика.
– Секогаш сакам нови предизвици во спортот, сакам да пробам нешто ново и да видам како ќе биде. Вардар е екипа што има големи амбиции и сакам да се вклопам во тоа, да покажам што знам и да успееме.
Јованка Радичевиќ со репрезентацијата на Црна Гора ја освои шампионската титула на ЕП 2012 во Србија и на олимпиското сребро од Лондон, додаде и европско злато. На ЕП во Србија, Радичевиќ постигна 40 гола и беше втор стрелец во редовите на европскиот шампион.
Во клупската кариера, Радичевиќ со екипата на Будуќност има седум шампионски и седум титули во Купот на Црна Гора (2005-2011) како и две титули во Купот на ЕХФ (2006, 2010) и една шампионска и Куп титула на Унгарија со екипата на Ѓер. Лани Андреа Лекиќ и Јованка Радичевиќ со Ѓер играа во финалето од Лигата на шампионите.