Кога легендарниот „Цитроен ДС“ во 1955 година беше претставен на саемот на автомобили во Париз, публиката била толку одушевена од новиот модел што за само 15 минути производителот примил над 700 порачки. На крајот од првиот ден на парискиот авто-салон бројот на купувачи веќе изнесувал 12.000!
Зошто еден автомобил предизвика таква реакција? Единствниот изглед на надворешноста, за кој е сувишно да се трошат зборови, и денеска, 60 години подоцна, делува восхитувачки.
Дизајнот, со кој сакале да се приближат до идеалната аеродинамична форма на водената капка, го потпишаа Фламинио Бертони и францускиот аеронаутички инженер Андре Лефевре.
За љубителите на техниката, сепак, дизајнот на „Ајкула“ е во втор план со оглед на многуте генијални инженерски решенија кои се применети врз овој модел.
Меѓу нив се истакнува хидропневматскиот систем за потпирање што овозможува неверојатна удобност во возењето.
По потреба, автомобилот можеше до првиот сервис да се превезе и на три тркала, што беше демонстрирано и на рекламен филм:
Освен тоа, „Цитроен ДС„ беше првиот модел на светот од масовното производство со вградени диск запирачки.
„Ајкула“, исто така, е првиот автомобил што имаше проектирани ударни зони на згужвување во случај на несреќа, како и мотор што беше дизајниран така, заради заштитата на патниците, да се излизга под каросеријата при судар.
„Цитроен ДС“ во 1967 година ги доби и првите адаптивни фарови што се придвижуваа во правецот во кој се завртени предните тркала на автомобилот.
Инаку, моделот што дебитира во 1955 година (ДС 19) беше придвижуван од 1.9-литарски бензински мотор со 75 кс, што според денешните стандарди се чини недоволен за една топ лимузина.
Подоцнежните верзии имаа посилни, унапредени погонски системи.
„Цитроен ДС“ ќе остане познат во историјата и по тоа што во 1962 година тогашниот француски претседател Шарл Де Гол, преживеа атентат возејќи се во овој автомобил.
Во текот на 20 години постоење на „Ајкулата“, произведено беа речиси 1,5 милион возила.
Иако во историјата замина во 1975 година, кога беше заменет од „Цитроен ЦХ“,моделот „ ДС“ до денешен ден, покрај моделот „ЦВ2“или попознат како „Спачек“, остана најпрепознатливиот модел во историјата на францускиот производител и еден од најубавите автомобили на светот.