Кирил Лазаров го прифати предизвикот да биде предводник на македонската машка ракометна репрезентација. На промоцијата тој рече дека никогаш не ја одбил Македонија и така било и во овој случај. Вели презел голема одговорност, но и оти се надева на долга и успешна соработка.
„Под мое водство Македонија ќе игра брз и модерен ракомет. Но тоа не може да се промени преку ноќ. Во престојните квалификациски меча нема да промениме многу во однос на играта бидејќи немаме време за тоа, но верувајте дека од Европското првенство ќе гледате една Македонија која игра модерно“.
Со претседателот на РФМ се договориле во првата година тој и да игра на одредени натпревари на кои ќе биде потребно.
„Наскоро ќе објавам список од 35 ракометари и мојот стручен штаб. Ќе се обидеме да истестираме колку што е можно повеќе играчи, да видиме кој ќе може да го носи дресот на националниот тим“.
Кире Лазаров најави и дека ќе се залага сите младински селекции на Македонија тактички да играат ист ракомет како и сениорите, тој ветува и подобра комуникација со клубовите со цел репрезентативците да добиваат поголема минутажа.