Француската ракометарка Александра Лакрабер и македонскиот шампион Вардар договорија нова едногодишна соработка. Десниот бек ќе остане дел од тимот и во следната 2017/2018 сезона.
Левораката ракометарка дојде во Скопје на почетокот на сезонава, и е дел од клупските рекорди од осум победи по ред во лигата на шампионите и 10 натпревари без пораз во ЛШ.
Таа е шеста ракометарка што од сегашниот состав на Вардар што реши да остане во Скопје и понатаму, откако тоа веќе го сторија: Андреа Лекиќ, Андреа Пенезиќ, Барбара Лазовиќ, Андреа Кликовац и Татјана Хмирова.
Екипата го задржа костурот и играчите што досега беа дел од најголемите клупски успеси, со надеж дека имаат уште сила и знаење да бидат поставени нови рекорди.
– Тимот што и досега ни носеше радост ќе остане во Скопје, и убедени сме дека ќе покаже уште повеќе од она што како клуб и играчи го постигнаа. Имаме заедничка цел која е блиску до остварување, и веруваме во квалитетот на сите оние што се дел од нашето семејство. Среќни сме што и тие го препознаваат Вардар како свој дом и место во кое можат да бидат високо на европскиот врв. Овој спортски колектив е меѓу најдобрите во Европа, и сакаме да го задржиме континуитетот во добрите резултати, и да одиме чекор понапред, вели Давор Стојановски, извршниот директор на Вардар.
Лакрабер сезонава настапи на осум натпревари и постигна вкупно 29 гола.
Вардар во недела го игра реванш натпреварот од главната фаза на ЛШ, против Будуќност во Скопје. „Црвено-црните” веќе се пласираа во четвртфиналето, но целта е да бидат првопласирани во групата.