Македонските претставници во регионалната кошаркарска БИБЛ лига денеска ги продолжуваат натпреварите во обид да се забележат нови победи.
Екипата на Куманово гостува на Теодо во Тиват од 18 часот, додека еден час подоцна, Кожув ја пречекува Приштина во Гевгелија.
Избраниците на Игор Михајловски победија и на последната одиграна средба во БИБЛ против Сутјеска (97:87), па во добра форма и победнички ритам го очекуваат мечот против Теодо во Тиват.
Црногорскиот претставник доживеа два порази на првите две средби кои ги одигра сезонава, но станува збор за тим кој секогаш играл многу подобро пред домашните навивачи па се очекува неизвесен дуел. Дополнително, Теодо од пред два дена се засили и со Американецот Арон Мичел, од кого се очекува сериозно да придонесе пред се во играта во нападот.
Во Гевгелија Кожув ќе игра дерби во Групата Б против силниот тим на Сигал Приштина. Овие две екипи се засега единствените во групата и заедно со Рилски единствените во лигата, кои засега немаат доживеано пораз, па очекувањата од меѓусебниот дуел се големи и за едната и за другата страна.
Кожув во првите два натпревари во БИБЛ ги совлада Морнар и Крајова, додека Приштина веќе одигра три средби, на кои славеше против Влазниа, Морнар и Крајова.