Агенцијата за млади и спорт (АМС) во соработка со Министерството за образование и наука, како и градот Куманово се организатори на државните натпревари за средношколци „Гимназијада Куманово 2016”. Ова ќе биде 10-та по ред Гимназијада, а ќе се одржува од утре до сабота.
– Имајќи го во предвид стратешкото значење во развојот на спортот, неговиот придонес за антрополошкиот развој на младата генерација и неговата позитивна улога во борбата против пороците, Агенцијата за млади и спорт како државна институција посветува големо внимание во развојот на училишниот спорт. Основните предуслови за успешно функционирање на училишниот спорт се стручниот кадар, спортските објекти и интересот на учениците за спортување и натпреварување. Како национален дом кој се грижи за развој на спортот секоја година одвојуваме околу 6 милиони денари за реализација на програмите на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, истакна директорот на АМС, Марјан Спасески.
На Гимназијадата ќе учествуваат преку 1.000 средношколци од цела Македонија и ќе се натпреваруваат во ракомет, кошарка, мал фудбал, фудбал, одбојка, атлетика и промотивни спортови.
– Евидентно е дека на секоја наредна „Гимназијада“ настапуваат се подобро подготвени ученици и екипи, се детектираат нови и уште поголеми спортски таленти, затоа што значително се подобруваат и условите за спорт и спортски активности, додаде Спасески.
Најуспешните и најистакнатите учесници и годинава ќе бидат наградени со учество на летните кампови во времетраење од 7 дена, кои ќе бидат организирани по завршувањето на натпреварите. Претседателот на Федерацијата за училишен спорт на Македонија Александар Туфекчиевски изрази благодарност кон Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Македонија за напорот кон омасовување на училишниот спорт како еден од основните предуслови за селекција на млади таленти.
– Посебноста во оваа манифестација е тоа што е првенствено јубилејна и истовремено најмасовна спортска манифестација од областа на училишниот спорт. Како новитет оваа година е одржување на ревијални натпревари помеѓу победниците на Гимназијадата со паралеките од спортските академии.
Претседателот на организациониот одбор Жика Крстевски ја искажа спремноста на градот Куманово за беспрекорно одржување на оваа манифестација.
– Честа е голема за градот и општината од добивањето на потврда на нашата апликација за домаќини на игрите. Градот Куманово со една градска и уште четири спортски сали изградени по сите европски стандарди, со нова атлетска патека на веќе постоечкиот атлетски центар и градски стадион ќе се погрижи за квалитетно натпреварување. За овој настан ќе бидат ангажирани повеќе од 150 волонтери од Куманово, кои се надеваат се да помине во најдобар ред и сите учесници да заминат од Куманово со позитивни впечатоци,рече претставникот на градот Куманово.