Шампионот Мајами и тимот на Мемфис изборија пласман во конфренециското финале, по ноќешните победи над своите противници во полуфиналните серии во плеј-офот од НБА лигата.
Мајами ќе игра во финалето на Исток откако ноќеска во натпреварот број 5 го победи Чикаго со 94:91 за триумф од 4-1 во победи.
Мемфис славеше со 88:84 над Оклахома Сити за 4-1 во победи и пласман во финалето на Запад.
Зак Рендолф со 28 поени и 14 скокови беше најдобриот поединец во тимот на Мемфис. Кај поразениот тим Кевин Дјурант постигна 21 поен, но имаше слаба реализација бидејќи погоди само пет удари од 21 обид. Отсуството на Расел Вестбрук, поради повреда беше клучното за брзата елиминација на Оклахома Сити.
Шампионот Мајами, не дозволи изненадување и ја совлада екипата на Чикаго. Леброн Џејмс со 23 поени и Двејн Вејд со 18 беа предводници на Мајами до победата. По слабиот претходен натпревар Вејд беше од голема помош за Џејмс за победата број 4 за својата екипа.
Вечерва се играат другите два натпревара од полуфиналето, Њујорк е домаќин на Индијана (Индијана води 3:1 во победи), а Голден Стејт го пречекува Сан Антонио (Сан Антонио води со 3:2).