Долгогодишниот капитен на Манчестер Сити, Винсент Компани донесе одлука за својата иднина, објавувајќи дека ќе се врати во матичниот клуб Андерлехт. 33-годишниот централен дефанзивец ќе ја комбинира улогата на играч со онаа на тренер на 34-кратниот шампион на Белгија.
Тој пристигна во Манчестер од Хамбургер во 2008 година и одигра 360 натпревари за „граѓаните“.
– Благодарен сум за минатото, но продолжувам да сум амбициозен во однос на иднината. Во следните три години ќе бидам играч-тренер на Андерлехт, најдобриот клуб во Белгија. Ова може да е изненадувачки за вас, но за мене е најрационалното решение, кое сум го земал, напиша дефанзивецот во „Фејсбук“.
Кариерата на Компани како професионалец започнува токму во Андерлехт во 2003 година, а по три сезони во белгиската елита, тој премина во Бундеслигата, по што стана легенда на Манчестер Сити.