Пред натпреварот меѓу Ливерпул и ПСЖ во првото коло од Лигата на шампионите, тренерот на англискиот тим Јирген Клоп застана во одбрана на Нејмар во однос на честите критики за неговото однесување на теренот.
– Не ги следам тие нешта, но гледав некои натпревари од Светското првенство и знам дека постојано се говори дека тој се обидува да извлече најмногу од секоја ситуација. Но, за мене неговите реакции се нормални, бидејќи сите одат на него и тој мора да се заштити. Го сфаќам и мислам дека е добро што се штити. Ние нема така да одиме на него. Сакаме да играме фудбал, ќе се обидеме да ја спречиме топката да доаѓа до него и тоа ќе биде тешка задача. Невозможно е да се избегнат неговите квалитети. На Мундијалот не беше во целост подготвен, но презеде одговорност и играше за својата земја, истакна Клоп.
Нејмар на последното Светско првенство во Русија беше обвинет дека наводно често симулира, дури и при најмали контакти со противничките фудбалери.