Македонскиот ракометен првак Металург претрпе висок пораз во реваншот од четвртфиналето од Лигата на шампионите од полскиот шампион Киелце со 26:15 (12:8).
Овој резултат се должи пред се на големиот број технички грешки во текот на целиот натпревар.
Металург добро го почна дуелот и беше равноправен противник до 20 минута кога последен (шести пат) беше изедначен резултатот 7:7, а до крајот на првиот дел Киелце направи серија 4:1.
И во второто полувреме Металург продолжи со грешките, а не се искористуваа ниту моментите кога се имаше играч повеќе. Полскиот тим постојано го зголемуваше водството за конечна победа изразена со двоцифрена разлика.
Најефикасен во победничкиот состав беше Јурецки, кој постигна 8 голови.
Кај Металург најефикасни беа Наумче Мојсовски и Ренато Вугринец со по 4 голови, а голманот Дарко Станиќ имаше 10 одбрани.
Во меѓусебните дуели сезонава резултатот е 4-0 за Киелце кој сосема заслужено оди на „Фајнл фор“ во Келн каде од вчера се пласирани Барселона и Кил.
Последниот учесник на завршниот турнир ќе биде познат по одигрувањето на дуелот Хамбург – Фленсбург.