Во ракометната Лига на шампиони вечерва ќе биде познат првиот тим кој ќе обезбеди пласман во полуфиналето.
Ракометарите на полскиот Киелце и германски Флензбург попладнево ќе го ираат реванш дуелот од четвртфиналната фаза. Иако, ќе стартуваат од „нула„ откако во првиот натпревар во Германија немаше победник, а средбата заврши 28:28, сепак Киелце е во блага предност имајќи ја во предвид големата поддршка која полскиот тим ќе ја има од трибините.
Кој ќе биде првиот учесник на Фајнал-фор турнирот, останува да се види по мечот кој ќе започне од 18 часот и 30 минути.
Преостанатите три реванш четвртфинални натпревари ќе се играат во текот на престојниот викенд.
Во сабота (30 април), македонскиот првак Вардар ќе има тешка задача на гостувањето кај унгарскиот Веспрем, во дуелот во кој црвено-црните ќе треба да ја надополнат негативата од три гола по мечот во Скопје. Во незавидна ситуација ќе биде и актуелниот европски шампион Барселона која го закуби првиот дуел на гости кај Кил со пет голови.
Затоа пак во недела ПСЖ пред своите симпатизери ќе треба рутинирано да го потврди убедливиот триумф над Загреб кого го совлада со 28-20.