„Киа“ ја освежи и унапреди хечбек варијантата на моделот „Рио“. Третата генерација на „Киа Рио“ премиерата ја имаше во 2011 година, а рестилизираната верзија од овој модел ќе биде претставлена на салонот на автомобили во Париз.
Корејскиот производител не ја промени позначително надворешноста на автомобилот, со оглед на фактот дека „Рио“ и натаму има свеж, современ дизајн.
Во однос на моделот што го гледаме на улиците, „Рио“ за 2015 година има преправени браници и рестилизирани стоп светла и фарови за магла.
Понудата на алу фелни е збогатена со три нови опции, што можат да се нарачаат во величини од 15 до 17 инчи, а на купувачите ќе им бидат достапни и две нови нијанси на екстериерот, означени како Digital Yellow и Urban Blue.
Ентериерот е збогатен и со нови украсни детали, како што се хромираните рамки за вентилациските отвори, и редизајнираните команди на аудио системот. Освен тоа, унапредена е и работата на мултимедијалниот систем и навигацискиот уред.
Во понудата ќе бидат четири мотори со сила од 75 кс (55 кW) до 109 кс (80 кW), што се поврзани со мануелен менувач со пет и шест брзини. Како опција на располагање е и автоматик со четири степени на пренос.
Сите верзии од моделот „Рио“ за 2015 година можат со доплата да бидат опремени со економичната ИСГ технологија, која подразбира стоп/старт систем, гуми со мал отпор на тркалање и други подобрувања.
Рестилизираниот „Рио хечбек“ ќе се произведува во фабриката Сохари, во Јужна Кореја. Автомобилот на европскиот пазар ќе пристигне со почетокот на 2015, а се очекува „Киа“ наскоро да го претстави и освежениот „Рио Спорт Седан“.