„Киа“ неодамна во Јужна Кореја ја претстави новата генерација на СУВ моделот „Соренто“. Во пресрет на авто-салонот во Париз, компанијата објави фотографии и технички детали за верзијата за европскиот пазар.
Новиот модел „Соренто“ што ќе им биде понуден на купувачите во Европа визуелно не се разликува од моделот за корејскиот пазар. Во однос на претходната генерација, „Киа“ го оплемени ентериерот со поквалитетни материјали и посовремени соддржини.
„Соренто“ за 2015 година ќе биде долг 4.780 милиметри, што е за 95 милиметри повеќе во однос на моделот на заминување, додека широчината изнесува 1.890 милиметри. Кабината во која ќе може да се сместат седум лица во три реда седишта, е покомфорна од порано, а патниците ќе имааат повеќе места за нозете, со оглед дека меѓуосовинското растојание од 2.780 милиметри е зголемено за 80 милиметри во споредба со претходникот. Автомобилот е висок 1.685 милиметри и е понизок од актуелната верзија за 15 милиметри. Со спуштен трет ред седишта, капацитетот на багажникот е меѓу 515 и 605 литри.
Новиот „Соренто“ во Европа ќе биде достапен со три моторни опции. Основната дизел верзија ќе ја придвижува четирицилиндричен 2.0-литарски мотор со 185 кс (136 кЊ) и 402 Нм. Оваа верзија ќе се продава исклучиво со шестстепен автоматски менувач што овозможува „Соренто“ од 0 до 100 километри на час да стига за 10,4 секунди и да развива максимални 200 километри на час.
Во понудата ќе биде и посилниот дизелаш со 2.2 литри, 200 кс (147 кЊ) и 441 Нм максимален обртен момент. Кога ќе биде впарен со шестбрзинскиот автоматик, овој модел до стотка ќе забрзува за 9,6 секунди пред да ги достигне максималните 203 километри на час.
На европскиот пазар ќе се продава и 2.4-литарски бензинец што ќе произведува 188 кс (138 кЊ) и 241 Нм максимален обртен момент. Во варијанта со мануелрн шестстепен менувач, автомобилот од 0-100 километри на час ќе стига за 10,4 секунди и ќе развива 202 километри на час. Доколку купувачот се одлучи за опцискиот автоматски менувач, показателите се нешто поскромни. Забрзувањето од 0 до 100 километри на час се постигнува за 10,5 секунди, а најголемата можна брзина ќе изнесува 195 километри на час.
„Киа“ не соопштува кога новиот „Соренто“ ќе пристигне во продажните салони во Европа, а се претпоставува дека тоа ќе се случи до почетокот на 2015 година.