Корејскиот производител на автомобили „Киа“ одлучи да го открие изгледот на новата генерација од својот најголем СУВ модел „Соренто“ малку порано отколку што се очекуваше.
Иако актуелната верзија не е толку долго присутна на пазарот (од 2009 година), новиот „Соренто“ претставува значен исчекор напред во поглед на дизајнот на надворешноста.
„Киа“ доста внимание му посветила на изгледот на возилото, со оглед на фактот дека во неговото обликување, освен матичното корејско дизајнерско студио, учествувале и центрите за дизајн од Германија и Калифорнија.
Во компанијата објаснуваат дека некои стилски елементи се преземени од футуристичкиот концепт „Киа Крос ГТ“ од 2013 година, што најдобро може да се види на маската од ладилникот.
„Соренто“ за 2015 година е долг 4.780 милиметри, што е за 95 милиметри повеќе во однос на моделот во заминување. Кабината ќе биде покомфорна, а патниците ќе имаат повеќе место за нозете, со оглед на фактот дека меѓуосовинското растојание е поголемо за 80 милиметри и сега изнесува 2.780 милиметри.
Автомобилот е висок 1.685 милиметри, што значи дека е понизок од актуелната верзија за 15 милиметри.
Иако деталите за погонските единици не се соопштени, во зависност од пазарот во понудата ќе може да се најдат 2.4-литарски четирицилиндричен бензинец и 3.3-литарски В6, додека од дизалашите купувачите ќе можат да сметаат на 2.0 и 2.2-литарските ЦРДи мотори.
Фотографиите од ентериерот за сега не се достапни, но навестено е дека новиот „Соренто“ ќе биде полуксузен од претходникот, па можеме да очекуваме поквалитетни материјали и нови соддржини што ќе им бидат на располагање како на возачот, така и ма патниците.
„Киа Соренто“ за 2015 година прво ќе биде претставен на корејскиот пазар, кон крајот на август, а светската саемска премиера ќе ја има на салонот на автомобили во Париз, на почетокот на октонври, кога ќе бидат познати повеќе детали за овој модел.